Тодор Кузманов - за „Скица за театар“ 2008 год.

По релативно подолго време, Отворената Сцена Театар „Чекори“ и режисерот Боре Ангеловски, повторно се враќаат на познатата дестинација. Се враќаат дома. Боре Ангеловски, кој важи за театарџија со најголемо искуство кога е во прашање бардот на апсурдниот театар-ирецот Бекет, својата кариера ја обогатува токму со истиот автор.

„Скица за театар“ е еден исклучителен театарски настан: млади луѓе, под искусната режисерска палка на Ангеловски ја ткаат приказната за современиот живот и човек, во која нема разбирање, туку единствено асоцијации, атмосфера, тон и боја. Црна. Барем кога е во прашање Бекет. Од неговите сценски вообличени стихови во драмска визија, како клучен момент ја издвојуваме репликата за тоа дека Раѓањето е имено Смрт! Зошто и како? И повторно сме на теренот на фактите-не е важен одговорот на прашањата, туку величието на генијалниот Бекет е во тоа што ги поставил. И така ја зезнува историјата на цивилизацијата. Веднаш до него тука е и нашиот режисер кој на еден чуден начин комуницира со него како да се родени браќа. Ирецот Бекет и велешанецот Ангеловскисе сретнуваат на неутрална територија-во Париз! Шмекот и тонот на претставата го даваат токму „Седумте варијации на Сена“ во извонредна танцова интерпретација на младата Наташа Петкова. Браво.

Тоа што фасцинира во оваа сценска визија секако е неслутената моќ на младите актери, без исклучок да се справат со тешката, морбидна и депримирачка лектира на аскетот Бекет, за кого неговиот единствен биограф вели дека тој бил аскет, но аскет што силно сакал жени и виски! Апсурдните стихови „чекорците“ ги изговараат со таква убедителност, што просто може да се позавиди! Просто не верувам дека на светов и веков постои друга слична ситуација. Тоа е лекција за тоа, како сé би можеле да изгледаат и да прозвучат театарските работи кои живот значат. Овде, јадот и бедата се вградени исконски и од тоа-бегање нема! Всушност, клошарите под мостовите на Сена воопшто не се разликуваат од своите собраќа на скопската железничка станица или евентуално под Камениот мост на Вардар.

Според својата аналитика и студиозност, претставата треба да се игра и да се гледа. Едноставно наречена „Скица за театар“, таа израснува во систем за театар. Особено на овој батален балкански простор. Новиумот на театарските случувања како и многупати до сега, доаѓа од страна, од маргините. Тука не станува збор за декадентната Европа, туку за чекорот на „Чекори“ од две милји пред неа. Значи не станува збор за примање на некого некаде, туку за давање некому нешто. Импровизација нема! За да дадеш-треба да имаш: ум, концепт, идеја, сила!

Тодор Кузманов

 
Symbol