Боре Ангеловски - за „Кралот умира“ 2005 год.

 

Ве довикуваме,

О, вие живи смртници, - публико! О, вие присутни и отсутни на оваа претстава! И вие кои жалите, и ве жалат. Се смеете!... Бидете стрпливи, бидете великодушни, појдете со нас во сказните на едно Јонесково кралство на изумирање и предсмртно крунисување - кралство пред смрт.

Бидете член во поворката од принудната смрт на крал Беранже I, неговото кралство и кралување, зад кој параван се кријат лицата на Лекарот и Маргарета кои го принудуваат кралот да потоне во покој, да се вовлече во себе, да исчезне од споменот, - во името на државата, во интерес на светот.

Неговите предсмртни восклици се:

- Цел свет нека изумре, ако е потребна мала жртва, - само јас вечно да живеам, па ќе бидам великодушен и сите смртници ќе ги зачувам во споменот.

Да видите како се кршат лицата кога е во прашање нечиј или некаков интерес. Најпосле, секогаш е така меѓу живите, таков е светот! Тоа е свет по кралска мера, со бесмртност на кралиштата.

Повелете во синтаксишко - морфолошката игра на зборови на Јонесковото перо, на оваа шекспиријада од варијации, - меѓу изветвените но така сочни и вистинити софизми.

Повелете на оваа наша трагедија и сочувајте ја за вечни времиња во споменот!

Повелете!

Боре Ангеловски

 
Symbol