Тодор Кузманов - за „Теагеритројатрија“ 2002 год.

 

С И Р О М А Ш Т И Ј А - И Н В Е Н Ц И Ј А

„Теагеритројатрија“ е претставата откритие или полн погодок во изборот на текстовите, актерите, реквизитот и сé друго за да се направи едно зачудно, оригинално и особено инвентивно сценско собитие. Овој театарски чин комуницира со самата суштина на творештвото на Хармс (руски авангарден писател од дваесеттите години на минатиот век). Во претставата се одлично инсценирани (и исто така актерски изведени) многубројни таинствени исчезнувања на луѓе, несреќни случаи (како паднати од небо), неверојатни и неповрзани настани, убиства, тепачки и притоа сето тоа преку режискиот ракопис на Ангеловски доведено до пароксизам. Гротескните ликови и ситуации нема да бида препуштени на нивната историска димензија туку ќе се трансформираат во ликови од денешни дни. Така тие - ликовите, ќе ги бараат своите играчки во форма на шприцеви, дози, шмркање (наркоманија) и слично на тоа, штоп гледачите (претежно млада публика на премиерната изведба) воопшто не ги остава рамнодушни. Тука треба да се бара и основниот квалитет и вредност на оваа постановка - комуникацијата со современиот гледач. Виртуозните актерски партии на непрофесионалните актери?! продуцираа овации и аплаузи на отворена сцена, претставата дишеше со полнокрвно темпо и ритам. Едноставните, но ефектни сценски решенија, го одразуваат режискиот ракопис на Боре Ангеловски, кој е автор со посебен сензибилитет за апсурдот потврден многупати до сега со постановките на дела од Бекет. Инаку да споменеме дека на сцената на театарот „Чекори“ пред петнаесетина години беа поставени и две други дела од Данил Хармс: „Елисавета Бам“ и „Елката на Иванови“, така што со оваа последна постановка оваа алтернативна театарска сцена ја легитимира својата стратешка позиција за истражување и експериментирање во доменот на театарскиот израз. Убав пример за тоа како сиромаштијата (во поглед на техничките средства) се надополнува со неслутена инвенција која скоро да нема граници и констатирана многу одамна, на пример, при реализацијата на Бекетовата пиеса „Сите кои паѓаат“ на сосем празна/пуста сцена!

Во програмчето за претставата добивме информација дека во неа „игра кој ќе стигне“, а стигнуваат младите и надежни кадри како што се на пример: Маре Ѓорѓијовска, Јуле Стојчевска, Марија Лопарска, Рубин Меновски, Златко Митрески, Јасна Ѓоргиевска, Љупчо Сердарски, Драган Петковски, Божидар Јововиќ, Мартин Лазаревски, Зоран Димитриевски и други...

„Теагеритројатрија“ како илустрација на тоа „како една нова идеја го изненадува човека, доколку не е подготвен за неа“ е ново и оригинално театарско случување кое е вистинско освежување во македонската театарска понуда.

Тодор Кузманов

 
Symbol