Андреј Глишиќ - за „Елисавета Бам“ и „Радио октомври“ 1986 год.

 

P R O   F E S T U M   P E R   A N I M A

Беглиот осврт на продукцијата на театарот „Чекори“ парадигматски ни набележува еден современ пристап кон сценскиот јазик, дијахронски хомологен на захтевите на рецепциентот.

Навидум неконвенционалната сценска реторика, поетски е градена со сета своја виртуелност - вредност на пласираните тропи /метонимии, метафори, синегдохи.../, укажува на згусната интелектуална храна наменета за вистинските патешественици во храмот на Талија.

Токму, херменеутиката на театарскиот белег, поткрепена со целосната асистенција на субјектот-рецепциент, во претставите на театарот „Чекори“, претставува креативен чин и од онаа страна на рампата. Нотираните секвенци, мајсторски кодирани, кога ќе се здобијат со призвукот на неконвенционалното, по складирањето на Јунговата банка на архетипи, се преточуваат во денотирани симболи артикулирани со активната игра на фантазијата и разумот.

Она што нé воодушевува во игроказите на ваквиот театар, сакале ние или не, се секавичните пресврти во дескрипцијата кога дистинктивните реплики во моментот се дијалогизираат и се сретнуваме со мултипликативното читање на содржински текуштото во рамките на повисоките структури, без да ја нарушува кохерентноста во корпусот на драмскиот дискурс на предложеното четиво.

„Елисавета Бам“ на рускиот художественик Данил Хармс, како драматуршка предлошка опсесивно го иритираше ансамблот на театарот „Чекори“ да се завземе за едно, условно речено, ирелевантно збиднување набиено со апсурди, со парадокси на времето на општество во распаѓање и декаденција, па преку експликативните минијатури во рамките на радиксот ни го опцртува гнилежот на буржоаското општество пред револуцијата која надоаѓа.

Не е случајно, што режисерот Боре Ангеловски, „Елисавета Бам“ ја користи како пролигомена, која како претходна напомена нé воведува во следната едночинка „Радио октомври“ од Владимир Мајаковски.

Со ваквата апликација во рамките на обата текста, она левијантното од „Елисавета Бам“, кое до некаде е пролонгирано и во „Радио октомври“, како пролог не воведува во отуѓеноста и безперспективноста на индивидуата во класното општество што всушност е и непосредна последица, односно епилог, при подвижување на масите.

Доколку артистите успеат да ви ја доловат атмосферата и ако Ви е по волја - Ad libido - учествувајте во последната сцена, бидејќи таа е наша!

Андреј Глишиќ
 
Symbol