Отворена Сцена Театар „Чекори“ - Скопје

Отворената Сцена Театар „Чекори“ - Скопје е алтернативен театар кој постои и делува веќе триесет и пет години

Основан е во далечната 1974 год. како аматерски театар при Домот на културата „Кочо Рацин“ - Скопје, од страна на Боре Ангеловски и група млади ентузијасти од Младинското Драмско Студио - Велес. Театарот „Чекори“ уште од своето основање се определува да го избегне егоцентризмот, сензационализмот, егзибиционизмот и слични манири и можеби тоа, заедно со ориентацијата да биде репертоарски театар, овозможи тој да опстои до денеска одбележувајќи и прославувајќи триесет и пет театарски сезони. Тоа како да е одговор на  сите поединци кои ги има и на нашиот културен простор кои нескромно се прогласуваат за инаугуратори на нови правци во драмската уметност, за приврзаници на модернизмот, постмодернизмот и сл. Меѓутоа јасно е дека резултатот е поразителен во смисла што  најчесто тие имаат краток век на траење. Се разбира, дека репертоарската политика која се гради во „Чекори“ треба во прв ред да ја обезбеди неговата препознатливост. Денеска,  триесет и пет години по неговото настанување може да се констатира успех и остварување  на стремежот да се биде репертоарски театар кој се залага за истражувања и иновации во  полето на драмската уметност. Тоа значи залагање за еден неконвенционален пристап во работата, но со особена почит кон сé што значи придобивка во развојот на театарската уметност. „Чекори“ својот идентитет го гради прогласувајќи неприпадност кон ниеден од  разноразните „...изми“, но со јасна определба со исто внимание и грижа да овозможи  место, како за драмското наследство, така и подготвеност за прифаќење на сé што е  современо, кон сé она што може да се формулира како афинитет кон авангардата во  театарот. Една од карактеристиките на овој театар е и тоа што членовите покрај тоа што  земаат учество во претставите најчесто како актери, се ангажираат и во изработката на декорот, костимите и сé она што е неопходно за финалниот театарски чин. Јасно е дека ваквата поставеност од една страна значи заедништво и дружење, а од друга страна е начин за опстојување во крајно неповолни материјално-финансиски услови. Главната придобивка од ваквиот начин на работа секако е брзото и ефикасно навлегување на младите ентузијасти во тајните на драмската уметност. Од истите причини во Театарот „Чекори“ отсекогаш особено внимание се посветувало не само на актерската игра, туку и на драматургијата, преводот на драмски преводи од странски јазици (заради што сега и на овој план театарот располага со завидна драмска библиотека), потоа на сценографијата, костимографијата и сл. Тоа подоцна не останувало без резултати на разните фестивали,  за што доказ се многубројните награди што денес ги красат витрините на Театар „Чекори“.

Во 1990 год, кога Театарот „Чекори“ ја бележи својата петнаесетта сезона, се случува престројување. Театарот „Чекори“ започнува да дејствува како самостојна организација - алтернативен театар. Безмалку, препуштен на стихијата и пазарот, на беспоштедната битка за опстојување. Засега успешно. Новина во организациона смисла е тоа што своите проекти ги реализира со вклучување и на професионалци и на ентузијасти. Со еднаков третман. Сигурно не се работи само за организациона постапка, туку и за квалитативно менување на приодот и конечно на резултатот на уметничката продукција на оваа алтернативна сцена. Значајно е да се истакне дека и покрај некои императиви на времето, Театарот „Чекори“ опстојува на својата ориентација во поглед на  репертоарската политика, која во прв ред треба да биде различна и оригинална во уверување дека тоа е првиот услов за легитимитет на едно театарско јадро. Стремежот е тоа да биде репертоарски театар, со строга (крајна) рационалност во организацијата, со модерен сценски израз и истражувања на можностите за иновации во театарската уметност.

Во 2004 год, со последните пререгистрации, Театарот „Чекори“ го добива префиксот кој можеби најповеќе прилегува на организациската идеологија која успешно ја негува веќе триесет години - Отворена Сцена. Отворена Сцена и за професионалци и за ентузијасти, Отворена Сцена и за класична драматургија и за модерните текови на театарската уметност, Отворена Сцена за експерименти и иновации и во приодот кон еден театарски текст, и во сценскиот израз и во областа на сценографијата, костимографијата... Отворена Сцена.

Денес, триесет и пет години од формирањето, продолжуваме да чекориме по патот кој за нас го исчекорија Боре Ангеловски и над петстотини чекорци, следејќи и развивајќи ја идејата и суштината на „Чекори“ - вистинска Отворена Сцена за сите што имаат потреба од театар. Доследно, до следните триесет и пет години... сé додека не го исчекориме и последниот милиметар од бесконечното сценско пространство!

Н Е К А   Т А Л И Ј А   И   М Е Л П О М Е Н А   Н И   Б И Д А Т   В Е Ч Н О   Н А К Л О Н Е Т И !!!

 

Репетициона

 
Symbol