П Р Е М И Е Р А

Ве известуваме дека Отворената Сцена Театар „Чекори“ – Скопје, на 17-ти декември (четврток) од 20:00 часот, во домот за култура „Димитар Влахов“ – Автокоманда, премиерно ќе ја изведе претставата „Мостот“, по текст на современиот белгиски автор Лоран ван Велтер, а во режија на Мартин Лазаревски. 
Пиесата тематски го обработува феноменот на самоубиството. Белгискиот автор на многу интересен начин го ослободува поимот „самоубиство“ од
сите психолошки, патолошки, социолошки и филозофски рамки и го приземјува во купот на „малите незначителни“ работи од кои навидум е составен животот. Двајца случајни, безимени луѓе, непознати еден за друг, а можеби и за останатите... случајно се среќаваат на мост. Дали ќе скокнат или не – не е важно, важно е што стапнувајќи на мостот, тие излегуваат надвор од толпата, и можеби за прв пат во нивниот живот се чувствуваат слободни искрено да ја скријат вистината за сопственото битување. Сево ова, авторот ни го предава иронично, комично, но сепак не смешно. Напоредно со претходната, како контрапункт, како антитеза, тече и втора линија на дејството пренесена преку еден монолог, во кој еден човек раскажува за погребот на својот пријател кој се самоубил. Во нашата претстава, главен лик е самиот Мост, кој како жив организам, како персонификација на животот, судбината, „вишата сила“... е сведок но и иницијатор на сé што се случува на „мостот“.
Во пиесата учествуваат младите актери од екипата на Театар „Чекори“:
Петко Костовски и Коста Виранов. Сценографијата е на Мартин Лазаревски.

НЕКА ТАЛИЈА И МЕЛПОМЕНА НИ БИДАТ ВЕЧНО НАКЛОНЕТИ!!!
Со почит
О.С. Театар „Чекори“ – Скопје

Ум. раководител
Мартин Лазаревски

 

 

„ARS LONGA VITA BREVIS!”

Веќе триесет и пет години во Скопје работи алтернативниот театар кој во 1974 година го нарековме Театар „Чекори“.

Нашите напори беа усмерени кон создавање на константна, трајна и доследна присутност во театарската алтернатива и во културното живеење на Градот Скопје и пошироко.

Во моделот што го избравме речиси и нема новитети: се дружиме, играме, создаваме! Заеднички го правиме она што во даден момент ни се чини најавтентично, најпотребно. Експериментот и секојдневното истражување нé доведоа до неконвенционалниот театар - кој е белег на нашето оригинално и неповторливо театарско трагање по уметничката вистина и формата на уметничкиот израз.

Барајќи го од ден во ден својот идентитет, сред мноштво на сé понови обиди во областа на драмската уметност - решивме да прогласиме неприпадност на било кој „...изам“! Така „необврзани“ настојуваме да живееме и твориме со сите искуства, тенденции и движења на драмскиот израз со желба да изградиме стил кој би ни овозможил успешно изразување на слоевитиот современ драмски материјал или пак класичниот придонес на театарската уметност да го претставиме во контекстот на современите настани и случувања.

 
Symbol